Српскиот бизнисмен Давор Мацура, сопственикот на „Алта банка“, е приведен во текот на ноќта, откако полицијата повеќе од 30 часа вршела претреси во просториите на банката во Белград, објавија српските медиуми.
Приведувањето следува по сериозната финансиска криза во која се најде банката, откако Народната банка на Србија ѝ ја одзеде дозволата за работа, а над неа беше отворена стечајна постапка.
Полициските претреси започнале во саботата, откако регулаторот утврдил значително влошување на финансиската состојба на банката и ризик од дополнително нарушување на нејзината ликвидност. Одлуката била донесена со образложение дека се загрозени интересите на штедачите и стабилноста на финансискиот систем.
Случајот предизвика дополнително внимание поради информациите за наводни обиди за префрлање големи парични средства од Србија во странство по парламентарните избори на 25 октомври. Српското обвинителство за организиран криминал соопшти дека отворило истрага за работењето на банката, постапувањето на одговорните лица во Народната банка и можните трансфери на капитал во странство.
Меѓу наводите што се проверуваат се и информациите за конверзија на 50 милиони евра и можни трансфери кон други земји. Засега, сепак, не е официјално потврдено дека Мацура е приведен токму поради овие сомневања.
Мацура важи за бизнисмен близок до Српската напредна партија (СНС) и поранешната власт на Александар Вучиќ. Во изминатите години изгради деловна група со интереси во банкарството, платниот промет, недвижностите и трговијата.
Неговата деловна империја неодамна се прошири и во малопродажниот сектор, откако го презеде српскиот систем на продавници „Идеа“, „Рода“ и „Меркатор“, кои претходно беа дел од хрватската „Фортенова група“.
Случајот има последици и во Северна Македонија, каде што Народната банка воведе привремена администрација во „Алта банка“ АД Битола, по одземањето на дозволата на нејзината матична банка во Србија. Мерката е преземена за заштита на средствата на клиентите, а воведени се и ограничувања за трансакциите.
Истрагата во Србија продолжува, а засега нема дополнителни официјални информации за конкретните причини и евентуалните обвиненија против Мацура.







