Народната банка денеска воведе привремена администрација во Алта банка АД Битола и ги ограничи одливите на пари, откако за еден ден од банката биле повлечени околу два милиони евра во готовина и преку трансфери. Гувернерот Трајко Славески на вонредната прес-конференција денеска во 17 часот најави дека ограничувањата може да траат најмногу три месеци, но рече дека очекува проблемот да биде разрешен и порано.
Извршниот одбор на Народната банка на денешната седница донел решение со кое во Алта банка АД Битола се воведува администрација, а решението е веќе во сила. Управувањето со банката во наредниот период преминува кај лица назначени директно од централната банка.
„Станува збор за заштитна привремена мерка. Во период од една седмица, граѓаните кои имаат сметки во оваа банка ќе можат да вршат плаќања и повлекувања во вкупен износ до 10.000 денари”, изјави Славески.
Според него, лимитот е определен „во интерес на граѓаните, а со цел извршување на секојдневните плаќања” и може да се користи со картичките издадени од банката, преку мобилното и електронското банкарство, во текот на една календарска недела. Трансферите меѓу сметките на клиентите внатре во самата банка остануваат неограничени.
Два милиони евра за еден ден
Славески откри дека до крајот на 31 октомври од Алта банка АД Битола биле повлечени околу два милиони евра во готовина и преку трансфери — податок што е потврден и од менаџментот на банката на денешниот состанок. Токму овој одлив беше една од причините за воведување на заштитните мерки.
Гувернерот појасни дека мерките воопшто не се резултат на лошо работење, несолвентност или внатрешни проблеми во македонската банка, туку последица на случувањата околу нејзиниот сопственик – Алта банка АД Белград, на која Народната банка на Србија вчера ѝ ја одзеде лиценцата и најави стечеј од понеделник.
„Овие мерки се воведени со цел да се заштитат имотот и интересите на штедачите”, рече Славески, опишувајќи ја Алта банка Битола како високо капитализирана и ликвидна, со квалитетно кредитно портфолио, што ги исполнува сите супервизорски стандарди.
Веќе има заинтересирани купувачи
Една од опциите за излез од состојбата е продажба на акциите што ги држи Алта банка Белград. Славески рече дека, според неофицијални информации, веќе има неколку заинтересирани купувачи – банки и странски финансиски институции. Ако сегашниот сопственик не ги понуди акциите за продажба во утврдениот рок, постапката може да продолжи по пат на законските овластувања на Народната банка.
Според објавените податоци, Алта банка Битола има депозити од околу 118 милиони евра, вкупна актива од околу 183 милиони евра и капитал од околу 32 милиони евра, при што во првите девет месеци од годината забележа загуба од 48,6 милиони денари. Депозитите на физичките лица се осигурени преку Фондот за осигурување на депозити до 30.000 евра по депозитор во една банка.
Гувернерот посочи дека одземањето на лиценцата на српската матица не значи автоматски одземање на лиценцата на банката во Битола, која е самостојно правно лице регистрирано во Македонија, и нагласи дека не е донесена одлука за одземање на нејзината дозвола.
„Секое хушкање е штетно”
Славески апелираше учесниците во јавната дебата да се воздржат од изјави што би предизвикале вознемиреност, предупредувајќи дека ширењето паника може директно да ги оштети штедачите. Ги повика и клиентите со кредити во банката редовно да ги подмируваат обврските, бидејќи привремената администрација не ги суспендира отплатите на кредитите.
Од Алта банка Битола соопштија дека банката е ликвидна и дека продолжува со стабилно и непречено работење, а од Народната банка притоа нагласуваат дека банкарскиот систем во земјата е стабилен и отпорен и дека сите банки се под непосреден супервизорски надзор.
Претседателот на СДСМ Венко Филипче вчера побара оставка од Славески и истрага за влезот на Алта банка во Македонија, а денеска опозицијата го обвини дека заедно со премиерот Мицкоски ја донеле Алта банка во земјата „по модел на Вучиќ”.
Алта банка Белград лани ја презеде Стопанска банка Битола, која оттогаш работи под името Алта банка АД Битола.







