Колку пари му се потребни на едно четиричлено семејство за да ги покрие месечните трошоци? Според пресметката на Министерството за економија и труд, потрошувачката кошница за септември изнесува 58.117 денари, додека според Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), минималната синдикална кошница за октомври достигна 70.358 денари. Разликата меѓу двата износа е 12.241 денар.
Двете институции користат различни методологии за пресметка, а податоците се однесуваат на различни месеци. Сепак, нивните пресметки отвораат прашање колку навистина ги чинат основните месечни потреби на едно семејство.
Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши денеска информираше дека владината потрошувачка кошница во септември била намалена за 358 денари во однос на август, но зголемена за 1.736 денари споредено со јануари.
Пресметката на Министерството опфаќа 11 категории и 101 прехранбен производ, а се користат податоци од Државниот завод за статистика за осум градови, цени од 23 пазари и од пет големи и три регионални трговски синџири.
Од друга страна, синдикалната минимална кошница за октомври, според ССМ, изнесува 70.358 денари и е зголемена за 926 денари во однос на септември. Доколку четиричленото семејство живее во изнајмен стан од 60 квадратни метри, потребните средства достигнуваат 85.733 денари.
Според синдикалната пресметка, за храна и пијалаци се потребни 26.170 денари месечно, за сметки 6.379 денари, а за транспорт 5.468 денари.
Дурмиши посочи дека најголемите разлики меѓу владината и синдикалната пресметка се забележуваат кај храната и пијалаците, облеката и обувките, образованието, домувањето и комуналните трошоци. Тој најави дека по Нова година ќе започне изработката на нова минимална потрошувачка кошница, со поддршка од Европската Унија, како и посебни кошници за студенти, пензионери и различни типови домаќинства.
Претседателот на КСОМ, Марјан Ристески, пак, смета дека во потрошувачката кошница задолжително треба да биде вклучен и трошокот за кирија, посочувајќи дека високите цени на становите особено ги погодуваат младите.







