Велешанецот М.А., кој со години измамувал десетици пациенти со карцином во Македонија, пласирал приказна дека ректори, политичари и бизнисмени ја купувале истата вакцина од него. Како што објави „Слободен печат“, Ненад Младеновски од Куманово ја купил оваа супстанца за 3.200 евра, а велешанецот ја аплицирал на неговата сега покојна мајка, која имала метастази во главата.
Како што Младеновски самиот тврди за „Слободен печат“, во неговата одлука да ја купи „вакцината“ голема улога имала приказната што осомничениот му ја пласирал.
Злоупотребено било дури и името на тогашниот претседател на Собранието, Талат Џафери. „Слободен печат“ стапил во контакт со Џафери, кој е дециден дека не нарачувал „кубанска вакцина“, туку дека неговото име било злоупотребено.
„Не е точно, класична злоупотреба на моето име“, изјавил Џафери за „Слободен печат“.
Велешанец на пациенти со рак им давал инјекции со непозната содржина и наплаќал илјадници евра
Освен семејството од Куманово, и други граѓани тврдат дека платиле илјадници евра за наводниот препарат. Жена од Скопје сведочи дека дала 10.000 евра за три дози наменети за нејзиниот син заболен од рак. Една од дозите ја однела во САД, каде што лекарите одбиле да ја аплицираат, па таа морала самата да му ја даде на синот, следејќи инструкции добиени преку Вибер. Друга доза, според нејзиното сведоштво, била аплицирана на нејзин роднина во бањата Катланово.
Според сведоштвата на семејствата, велешанецот им објаснувал дека препаратот го набавува преку тајни кубански лекари во Белград, кои наводно ги разгледувале медицинските документи на пациентите и одлучувале дали можат да ја примат вакцината. Семејствата, сепак, велат дека никогаш немале директен контакт со овие лекари, туку целата комуникација се одвивала преку М.А.
За случајот зборува и поранешниот директор на Клиниката за онкологија, д-р Милан Ристовски, кој потврдил дека во 2015 година клиниката ја посетила кубанска делегација со вистински препарат за лекување од рак. Но, неговата употреба била строго ограничена и можела да се одобри само по претходни геномски испитувања, кај одредена група пациенти со неситноклеточен карцином на белите дробови. Според Ристовски, потенцијални кандидати биле околу пет проценти од пациентите со оваа дијагноза.
Тој посочи дека препаратот бил аплициран во болнички услови, а една волонтерка примила четири дози. Таа денеска е почината. Ова е сосема различно од начинот на кој, според сведоштвата, велешанецот им ги давал инјекциите на пациентите – во нивните домови, станови, автомобили, паркинзи и други места што не се здравствени установи.
Семејствата тврдат дека не добивале амбалажа, ниту документација за препаратот, па не знаеле што точно им се аплицира на нивните блиски. Во претходните сведоштва објавени од „Слободен печат“, еден од соговорниците изјавил дека остаток од инјекцијата однел на лабораториска анализа во Србија, каде што, според неговите наводи, било утврдено дека станува збор за физиолошки раствор.
За случајот Јавното обвинителство во Велес отвори предмет за измама и надрилекарство. Во рамки на истрагата биле извршени претреси на повеќе локации, меѓу кои и во простории на здружение за лица со попреченост. Биле одземени одредени супстанции и електронски уреди, кои треба да бидат предмет на вештачење, а се сослушуваат и оштетените и други лица.
На М.А. му се определени мерки на претпазливост, еднаш неделно да се јавува во Основниот суд во Велес и привремено да не може да ја напушти државата, односно да му биде одземена патната исправа. Одлуката му била врачена додека бил хоспитализиран на Клиниката за ортопедија во Скопје.







