Независната студентска платформа „Студентарија“ презентираше над 700 пријави и преку 1.200 гласови од студенти собрани во изминатите шест месеци преку веб-страницата „Дигитален студентски глас“. Анализата укажува на системски пропусти во студентскиот стандард, сместувањето, превозот, стипендиите и оценувањето, додека надлежните институции сè уште не обезбедуваат ефикасни решенија.
Преку платформата Студентарија, чии претставници се Гоше Николов и Александар Николовски, беше посочено дека износот за субвенционираниот студентски оброк изнесува 140 денари уште од 2023 година и не е усогласен со инфлацијата.
Според нивните анализи, овој износ во моментов би требало да надминува 165 денари дневно. Исто така, беа регистрирани случаи во кои студенти го губеле правото на оброк поради ненавремено доставување податоци од факултетите до Министерство за образование и наука или поради технички проблеми во системот на МОН. Дополнително, беше истакнато дека се доцни со исплатата на стипендиите, особено за студентите на втор циклус, што ја намалува нивната улога како финансиска поддршка во текот на академската година.
Во однос на инфраструктурните услови, пријавите најчесто се однесуваат на прекини во снабдувањето со струја, вода и греење, санитарни проблеми и недоволна транспарентност при приемот и рангирањето. Како посебен пример беше посочен домот „Никола Карев“ во Охрид, кој во февруари минатата академска година останал без струја повеќе од 30 часа, а во јуни шест дена.
Изминативе денови реагираа и студентите од студентскиот дом „Стив Наумов“ во Скопје поради протекување вода во собите и недостиг на парно греење. Од МОН известија дека изведувачот ќе ги санира дефектите, но воедно посочија и на неодговорно однесување од страна на дел од студентите кое придонело за дел од проблемите во установата.
Платформата „Студентарија“ оцени дека правото на бесплатен јавен автобуски превоз треба да произлегува од студентскиот статус, а не од видот на универзитетот или градот. Сегашната пракса ги исклучува студентите на приватните универзитети и оние во другите универзитетски градови со јавен автобуски превоз, како Тетово, Штип и Битола, додека во Скопје ова право веќе постои.
Исто така, студентите пријавувале и поскапување на билетите во меѓуградскиот превоз. Во врска со ова, беше потсетено дека Националната стратегија за млади 2023–2027 предвидува намалување на цените на меѓуградскиот автобуски превоз за средношколците и студентите за 30 проценти, поради што се бара трајна субвенција и јасен начин на спроведување на мерката.
Меѓу најзастапените категории во извештајот се проблемите поврзани со работата на факултетите, професорите и испитите. Студентите пријавувале нејасни критериуми за оценување, непризнаени поени, недоволно образложени оценки, фаворизирање, задоцнет пристап до резултатите, како и несоодветна комуникација со студентските служби и наставниот кадар.
Претставниците на „Студентарија“ заклучија дека во голем дел од случаите правната рамка и институциите постојат на хартија, но студентите се соочуваат со сериозни бариери кога се обидуваат да дојдат до конкретно решение за своите секојдневни проблеми.






