Собранието денеска ја отфрли интерпелацијата за работата на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, поднесена од Левица. На гласањето 19 пратеници беа „за“, 63 гласаа „против“, а немаше воздржани.
Во расправата опозицијата упати низа критики за работењето на министерката, обвинувајќи ја за недоволни резултати во енергетиката и рударството, неправилности во извршувањето на функцијата, занемарување на јавниот интерес и непочитување на законите.
Пратениците посочија дека Македонија доцни со реформите за поврзување на домашниот енергетски пазар со европскиот, како и со исполнувањето на обврските од европскиот механизмот за јаглеродно гранично прилагодување. Според нив, и покрај отворањето на внатредневниот пазар на електрична енергија, сè уште нема соодветна регулаторна рамка што ќе им овозможи на производителите на енергија од обновливи извори да бидат поконкурентни на европскиот пазар.
Критики беа упатени и за начинот на кој се врши откупот на електричната енергија од фотоволтаичните електрани. Опозицијата побара поголема транспарентност во енергетскиот сектор, поефикасен надзор врз пазарот и јасни правила за приклучување нови производствени капацитети на дистрибутивната мрежа.
Од владејачкото мнозинство ги отфрлија обвинувањата, наведувајќи дека дел од прашањата отворени во интерпелацијата се однесуваат на институции врз кои Министерството нема директни надлежности, како ЕСМ, ЕВН и Регулаторната комисија за енергетика.
Како аргументи за работата на Божиновска ги посочија новиот Закон за енергетика, субвенциите за ранливите категории граѓани, намалувањето на производствената цена на електричната енергија во ЕСМ, како и инвестициите во ветерни и фотоволтаични централи и ревитализацијата на хидроенергетските објекти.
Божиновска од собраниската говорница порача дека политичкото несогласување не може да се претставува како незаконско работење и дека обвинувањата мора да бидат поткрепени со докази.
„Не може политичкото несогласување да се прогласи за незаконитост, а различната визија за енергетиката да се прогласи за кршење на Уставот. Не може обвинувањето да стане факт само затоа што сте го напишале во вашата интерпелација“, рече Божиновска.
Таа им се заблагодари на пратениците за можноста да ја презентира работата на Министерството, но побара и подносителите на интерпелацијата да преземат одговорност за точноста на нивните тврдења.







