Денеска, 23 октомври, во Македонија се одбележува Денот на македонската револуционерна борба, државен празник посветен на историското основање на Македонската револуционерна организација во Солун во 1893 година.
На овој ден, пред 133 години, шестмина македонски дејци – Даме Груев, Христо Татарчев, Петар Поп Арсов, Иван Хаџи Николов, Антон Димитров и Христо Батанџиев – се собрале во домот на солунскиот книжар Иван Хаџи Николов, каде ги поставиле темелите на организираното револуционерно движење.
Формирањето на организацијата претставувало значаен чекор во борбата за слобода и политичка самостојност. Нејзиното историско наследство се поврзува со Илинденското востание, Крушевската Република и подоцнежните процеси што довеле до создавање на современата македонска држава.
По повод празникот, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова упати порака во која ја нагласува обврската на денешните генерации да ги зачуваат идеалите на македонските револуционери и да продолжат да ја градат државата.
Според неа, слободата, мирот и демократијата во сопствена држава не се подарени, туку се изборени со пожртвуваноста на предците. Таа посочува дека 23 Октомври е можност да им се оддаде почит на оние кои се бореле за независна, праведна и демократска Македонија.
Сиљановска-Давкова истакнува дека денешната одговорност е револуционерното дело да се продолжи преку знаење, реформи и посветеност, а не со оружје. Воедно, повикува на негување на вредностите на правото, правдата, етиката, солидарноста и рамноправноста, како и на зачувување на македонската државност и нејзината европска перспектива.








