Албанскиот премиер Еди Рама постави столчиња пред зградата на владата во Тирана и ги повика демонстрантите на дијалог, во услови на продолжени протести и барања за негова оставка.
На столчињата биле поставени натписи „Дијалог“, со кои Рама испратил порака дека е подготвен за разговори со граѓаните. Тој порача дека е достапен за средба во секое време и на кое било место, заедно со претставници на владата.
„Кој сака дијалог, без услови, каде што сака и кога што сака, дури и тука, јас сум на располагање заедно со владата“, порача Рама.
Сепак, премиерот нагласи дека нема да разговара со оние што учествуваат во насилни дејствија, ниту со оние што не се оградуваат од насилството. Тој претходно порача дека никој не може да го собори од власт со насилство.
Протестите во Тирана се одржуваат во атмосфера на зголемени тензии, а демонстрантите бараат оставка од премиерот, обвинувајќи ја власта за корупција и негрижа. Незадоволството е поврзано и со трошоците за живот, можностите за вработување и контроверзните проекти за развој на делови од албанското крајбрежје.
Во текот на демонстрациите дојде до судири со полицијата, оштетување на јавен и приватен имот и употреба на солзавец и водени топови од страна на полициските сили.
Рама ги осуди насилните инциденти, нагласувајќи дека правото на протест мора да се разликува од насилството и уништувањето имот. Тој инсистира дека владата е подготвена да ги разгледа барањата и проблемите на граѓаните, но не и да преговара со сторителите на насилни дејствија.
Во одделна изјава, Рама ги оцени протестите како обид за дестабилизација на земјата и попречување на преговорите за членство во Европската Унија. Тој тврдеше дека насилството е организирано и поттикнато од странски актери, а дел од медиумите ги обвини дека го засилуваат незадоволството со цел да ја соборат владата.
Албанскиот премиер најави и можни построги мерки поради учеството на малолетници во немирите, вклучително и финансиска одговорност на родителите за причинетата штета.
Антивладините протести започнаа на 13 октомври.
Претходно, револт предизвика и планираниот луксузен туристички комплекс на албанското крајбрежје, поврзан со Џаред Кушнер, зетот на американскиот претседател Доналд Трамп.







