Неколку европски и азиски држави издадоа безбедносни предупредувања за своите граѓани кои престојуваат или планираат да патуваат во Франција, повикувајќи ги да бидат внимателни и да не учествуваат во демонстрации. Предупредувањата следуваат по насилните протести и немирите што избувнаа низ земјата во текот на викендот.
Министерствата за надворешни работи на повеќе држави ги советуваат своите државјани да избегнуваат места каде што се одржуваат протести, да не се приближуваат до големи собири и да ги следат упатствата на француските власти.
Меѓу земјите што упатија вакви пораки се Италија, Германија, Чешка, Полска, Холандија, Данска, Шведска, Финска и Норвешка. Предупредувања објавија и Кина и Малезија.
Италија ги повика своите граѓани да го пријават престојот во Франција преку интернет или мобилна апликација, за полесно да бидат контактирани во случај на потреба. Германските власти предупредија дека не може да се исклучат нови немири и ги повикаа граѓаните да ги почитуваат полициските наредби.
Чешка ги советува своите државјани да не присуствуваат на демонстрации, маршеви и јавни собири, додека Полска препорачува избегнување на локациите на кои се одржуваат протести. Слични препораки имаат и нордиските земји.
Малезија, пак, им препорача на своите граѓани да размислат за одложување на патувањата во Франција што не се неопходни, додека безбедносната состојба не се стабилизира.
Протестите во Франција беа поттикнати од незадоволството поради растот на трошоците за живот и проблемите со јавните услуги. Во текот на викендот, дел од демонстрациите прераснаа во насилни судири со полицијата, вандализирање објекти и ограбување продавници.
Во немирите беа запалени и јавни објекти, а полицијата приведе илјадници лица. Состојбата предизвика загриженост кај странските влади, кои предупредуваат дека собирите можат брзо да прераснат во опасни ситуации.
Француските власти воведоа и локализирани безбедносни мерки, вклучително и полициски час во одредени области, додека безбедносните служби остануваат во состојба на зголемена готовност.








