Поддршката за американскиот претседател Доналд Трамп се намали на 31 отсто, што е најниско ниво во двата негови претседателски мандата, покажува најновото истражување на Ројтерс и Ипсос. Резултатите доаѓаат во пресрет на конгресните избори во САД, закажани за 3 ноември.
Четиридневната анкета, која заврши на 19 октомври, покажува дека одобрувањето на работата на Трамп е намалено за еден процентен поен во однос на претходното истражување, спроведено пред две недели.
Незадоволството од економските состојби, особено високите цени на горивата, се издвојува како еден од факторите што влијаат врз оценката на граѓаните за неговото претседателствување. Цените на бензинот во САД пораснаа по воените напади врз Иран, започнати од САД и Израел во февруари.
Истражувањето покажува дека, доколку изборите за Конгресот се одржат сега, 47 отсто од регистрираните гласачи би ги поддржале демократските кандидати, наспроти 35 отсто за републиканците. Разликата од 12 процентни поени е најголема во досегашниот тек на актуелниот изборен циклус.
Во претходната анкета, демократите имале поддршка од 44 отсто, а републиканците од 37 проценти.
И покрај предноста на демократите во националното испитување, резултатите не се гаранција за освојување мнозинство во Конгресот. Изборниот исход зависи од трките во поединечните сојузни држави и изборни окрузи.
Негативната оценка за економската политика на Трамп е широко распространета. Според анкетата, 68 отсто од испитаниците не го одобруваат неговото справување со економијата. Меѓу нив се и 37 отсто од граѓаните што се идентификуваат како републиканци.
На прашањето која партија подобро би управувала со економијата, 40 отсто од анкетираните се определиле за демократите, додека 33 отсто сметаат дека републиканците би биле подобар избор.
Предноста на демократите е особено изразена кај жените: 50 отсто од нив би гласале за демократските кандидати, а 32 отсто за републиканските. Демократите имаат предност и меѓу мажите, но со помала разлика.
Анкетата на Ројтерс и Ипсос е спроведена онлајн на 1.679 полнолетни Американци, од кои 1.279 биле регистрирани гласачи.








