Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека смета оти треба да ја добие Нобеловата награда за мир, но истовремено призна дека не е уверен дека Норвешкиот Нобелов комитет ќе му ја додели наградата.
„Не знам каква ќе биде нивната одлука. Тие имаат репутација дека можеби не им ја доделуваат наградата на луѓе како мене“, рече Трамп, говорејќи за наградата за 2026 година, чиј добитник треба да биде објавен во петок.
Трамп откако повторно се врати во Белата куќа во јануари 2025 година, во повеќе наврати тврдеше дека заслужува да биде награден за своите дипломатски активности и напорите за решавање на меѓународни конфликти.
„Време е за тоа“, изјави тој пред новинарите во Овалната соба, додавајќи дека му претставувало голема чест што минатата година наградата ја добил „индиректно“.
Во јануари, венецуелската опозициска лидерка Марија Корина Мачадо му го врачи на Трамп својот медал од Нобеловата награда за мир за 2025 година, додека бараше поддршка од САД за нејзините напори во Венецуела.
Трамп тврди дека бил вклучен во решавањето или смирувањето на осум меѓународни конфликти откако повторно ја презеде претседателската функција. Лидерите на Камбоџа, Израел и Пакистан изјавија дека го номинирале за наградата, но овие наводи не можат независно да се потврдат, бидејќи номинациите не се јавно објавени.
Неговата улога во дел од конфликтите, сепак, е оспорувана од страните што се вклучени во нив. Во некои региони каде што Трамп тврди дека помогнал во постигнување договор, борбите повторно продолжиле, меѓу другото во Демократска Република Конго и долж границата меѓу Камбоџа и Тајланд.
Трамп досега не успеа да постигне мир во Украина, иако за време на кампањата вети дека војната ќе ја заврши уште на првиот ден од неговиот втор мандат.
Меѓу имињата и институциите кои се споменуваат како можни кандидати за Нобеловата награда за мир оваа година се папата Лав XIV, Меѓународниот кривичен суд и специјалниот известувач на Обединетите нации за палестинските територии.
Нобеловиот комитет треба да го објави добитникот на наградата за мир на 9 октомври.








