Во тек е голема полициско-царинска акција под кодно име „Филтер“, во рамки на која досега се приведени 13 лица, а претреси се вршат на повеќе од 20 локации во Гевгелија, Валандово, Струмица, Дојран, Велес и Скопје.
Акцијата е насочена кон разбивање организиран систем за шверц на големи количини цигари и избегнување на плаќање царински давачки и други обврски кон државата. Според досегашните информации, во истрагата се опфатени шпедитерски, транспортни и увозни компании, физички лица, како и полициски и царински службеници.
Истрагата ја спроведуваат Царинската управа, МВР и Бирото за јавна безбедност, во координација со Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Според досегашните наоди, станува збор за повеќе случаи на организиран шверц на цигари, при што со избегнување на законските давачки на државниот буџет му била нанесена штета од неколку милиони евра.
Подетални информации за осомничените, пронајдените предмети и точниот обем на криминалниот систем се очекуваат по завршувањето на претресите и од надлежните институции.








