Работниците низ Шпанија денеска организираат 24-часовен генерален штрајк поради растот на цените на недвижностите и кириите, како и сè потешкиот пристап до пристојно домување. Станува збор за прв генерален штрајк зад кој заеднички застануваат двата најголеми синдикати во земјата по 14 години.
Штрајкот го организираат синдикатите УГТ и ЦЦОО под мотото „Плати, домување и цени“, а во него се вклучени и други работнички организации и здруженија на станари. Тие бараат повисоки плати, ограничување на кириите и поголем фонд на достапни јавни станови.
Незадоволството е поттикнато од кризата на пазарот на недвижности. Според податоците на Шпанската централна банка, во земјата недостигаат околу 750.000 станови, а дефицитот до 2028 година би можел да надмине еден милион. Просечната месечна кирија достигнува околу 1.176 евра, што е речиси колку просечната месечна плата на младите во земјата.
„Работничката класа повеќе не може да си дозволи домување“, порачаа од синдикатот УГТ, додека од ЦЦОО предупредија дека милиони работници имаат проблем да ги плаќаат кириите и да обезбедат сопствен дом.
Штрајкот предизвикува нарушувања во јавниот превоз, училиштата, здравството и другите јавни услуги, а се очекуваат и доцнења и откажувања на летови. Во повеќе градови се организираат протести и блокади.
Незадоволството дополнително се засили по иселувањето на 87-годишна жена од нејзиниот дом во Мадрид, откако сопственикот побарал значително зголемување на киријата. Случајот предизвика масовни реакции и стана симбол на станбената криза во земјата.
Штрајкот се одржува и во пресрет на предвремените парламентарни избори закажани за 29 ноември, поради што кризата со домувањето станува една од главните теми во политичката дебата во Шпанија.









