СВР Охрид поднесе кривична пријава против Ѓ.Ч. 67-годишен жител на Кавадарци и фирма во негова сопственост, поради сомнение за злоупотреба на службената положба при изградбата и пуштањето во употреба на хотелски комплекс во Охрид.
Според полицијата, пријавениот, кој бил ангажиран како надзорен орган на градбата, изготвил и потпишал технички извештај со кој овозможил хотелскиот комплекс да биде пуштен во употреба, иако објектите биле изградени спротивно на одобрението за градба.
Станува збор за комплекс лоциран на катастарската парцела „Елшани“ во Охрид. Полицијата наведува дека во него биле изградени и објекти за кои немало соодветно одобрение.









