Министерството за внатрешни работи, Јавното обвинителство и Министерството за социјална политика договорија конкретни мерки за итно постапување во случаите на семејно насилство. На состанокот во Јавното обвинителство учествуваа јавниот обвинител Ненад Савески, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски.
Според договорениот протокол, Министерството за внатрешни работи веднаш по приемот на секоја пријава ќе го известува надлежното јавно обвинителство. Јавниот обвинител ќе ја координира работата на тим составен од полициски инспектори и стручни лица од центрите за социјална работа за побрза реакција на институциите.
Нов закон за семејно насилство: Електронски алки и поголеми овластувања за полицијата
Предвидено е итно обезбедување вештачења за евентуалните повреди, процена на ризикот и прибирање докази со цел побрзо донесување обвинителски одлуки. Трите институции ќе определат контакт-лица кои постојано ќе бидат достапни за меѓусебна комуникација и координација според стандардизирани процедури.
Во меѓувреме, по блокадата пред Владата против фемицидот, од Владата на Република Македонија соопштија дека заштитата на жртвите мора да биде приоритет и дека насилството не смее да биде предмет на партиски препукувања. Оттаму информираат дека веќе се работи на подобрување на постојните решенија за заштита.
Од Владата нагласуваат дека во овој процес е важен придонесот на стручната јавност и на организациите кои секојдневно работат со жртвите на насилство. Воедно, упатен е апел јавната дебата за ова чувствително прашање да се води со одговорност за да не се отежнува неопходната соработка меѓу институциите.
Надлежните институции порачуваат дека семејното насилство не е приватна работа, туку сериозен општествен проблем на кој државата мора да одговори одлучно. Целта на овие мерки е навремена заштита и згрижување на жртвите, како и поефикасно процесуирање на сторителите пред надлежните судови.









