Во заедничка изјава, претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ѝ честитаа на Студентска листа и ја потврдија подготвеноста на европските институции да ѝ помогнат на Србија да напредува на патот кон ЕУ.
„Подготвени сме да ги поддржиме реформите во областите на владеењето на правото, слободата на медиумите, борбата против корупцијата и силните демократски институции и да работиме заедно за да ја постигнеме европската иднина на Србија“, изјавија фон дер Лајен и Коста во објава на мрежата X.
Според прелиминарните резултати од невладините организации CRTA и CeSID, Студентска листа доби околу 52 проценти од гласовите, додека Единствена Србија на поранешниот српски претседател Александар Вучиќ доби околу 40 проценти.
Вучиќ призна пораз на изборите во Србија: „Овие избори ги загубивме“
Еврокомесарката за проширување Марта Кос оцени дека исходот од изборите во Србија означува нов почеток во односите со Брисел.
„Ново поглавје може да започне за Србија. Вратата на ЕУ е отворена и ние сме подготвени да продолжиме напред заедно“, рече Кос во писмена изјава што нејзината канцеларија ја сподели со новинарите.
Честитајќи ѝ на Студентската листа за победата, таа оцени дека Србија го покажала својот глас и дека, по речиси две години протести за демократија, владеење на правото и борба против корупцијата, граѓаните излегоа на изборите во историски бројки.
„Ова се токму вредностите што се во самото срце на нашата Европска Унија“, рече Кос.
Во својата програма, Студентската листа се фокусираше на внатрешните прашања на Србија.









