Со две поставени трпези, едната со леб, конзерва туна и кромид, а другата со послужено јадење и мени од собраниското бифе, „Урбани уметнички акции“, кои работат во состав на Центарот за современи уметности, денеска пред ТЦ „Буњаковец“ ја спроведоа уметничката акција „Општествени контрасти“, посветена на нискиот студентски стандард и општествената нееднаквост.
Преку визуелниот приказ на двете трпези, уметниците прават споредба меѓу оброкот што може да се обезбеди со 140 денари, колку што изнесува дневната сума за субвенциониран студентски оброк, и повластените цени и понудата во собраниското бифе.

Од Центарот за современи уметности велат дека поставените маси треба да го отворат прашањето зошто студентите со ограничени средства тешко можат да обезбедат пристоен оброк, додека оние со најголеми привилегии имаат пристап до поевтина храна.
„Контрастот меѓу двете маси е едноставен: со 140 денари не може да се обезбеди пристоен и хранливо балансиран студентски оброк. Во меѓувреме, цените на храната и трошоците за живот растат, а студентите што доаѓаат од другите градови покрај сместувањето и храната мораат да ги покриваат и сè повисоките трошоци за превоз“, наведуваат од ЦАЦ.
Оттаму посочуваат дека студентскиот стандард не ги следи реалните животни трошоци, а недоволната финансиска поддршка и сè помалите можности за достоинствен живот придонесуваат младите својата иднина да ја бараат надвор од државата.
Целта на акцијата е да се привлече вниманието на јавноста кон секојдневните проблеми на студентите, од недоволните средства за исхрана до зголемените трошоци за сместување и превоз, но и да се даде поголема видливост на нивните барања за подобар студентски стандард и поквалитетни услови за образование и живот.
„Достоинствен оброк не е луксуз, туку основна потреба“, порачуваат од Центарот за современи уметности.









