Претседателот на Собранието, Африм Гаши, е првиот функционер што се најде на т.н. „ѕид на срамот“ на Мрежата за заштита од дискриминација, откако граѓанските организации јавно го прозваа поради застојот со законските измени за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство. Измените се поднесени во Собранието уште во август, но досега не се најдоа на дневен ред.
Од Мрежата велат дека со оваа иницијатива ќе ги посочуваат носителите на јавни функции кои имаат одговорност за спроведување политики и мерки за спречување на насилството и заштита на жените, но не преземаат конкретни чекори. Идејата ја добиле од „ѕидот на срамот“ на кој претходно се повика претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
Организациите директно го адресираат Гаши и бараат одговор зошто предлог-законските измени со месеци чекаат да бидат разгледани од пратениците, додека насилството врз жените продолжува.
„Додека законските измени чекаат, жените ги убиваат“, реагираат од Мрежата, посочувајќи дека од поднесувањето на предлогот во август поминале три месеци, а од одржувањето на надзорната расправа за насилството врз жените седум месеци, без усвоени заклучоци што би содржеле конкретни мерки, рокови и одговорности на институциите.
Организациите потсетуваат и дека во текот на годинава се регистрирани седум фемициди, поради што бараат одговорните институции да престанат со одложување и да преземат конкретни активности. Од Гаши бараат да одговори кога законските измени ќе бидат ставени на дневен ред и кога Собранието ќе ги усвои заклучоците од надзорната расправа.
Повикот за итно придвижување на законските измени беше упатен и вчера, на почетокот на кампањата „16 дена активизам против родово базирано насилство“. Претставници на Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство, Платформата за родова еднаквост и Мрежата за заштита од дискриминација побараа предлогот поднесен во август да биде ставен во собраниска процедура без дополнителни одложувања.
Тие предупредија дека постои обид процесот да се блокира со цел да се повлече постојниот предлог и да се подготви ново законско решение во кое би биле изоставени термините „род“, „родово базирано насилство“ и „родов идентитет“. Според организациите, ваквите барања се поврзани со влијанието на антиродовите движења и можат да доведат до ослабување на законската заштита.
На обвинувањата за застојот денеска одговори и Гаши. Тој рече дека предлог-законот е испратен до Владата за мислење и дека ќе биде пуштен во собраниска процедура откако ќе пристигне одговорот од извршната власт.
„Во однос на законот што е во собраниска процедура, испратено е мислење до Владата. Штом добиеме мислење од Владата, законот ќе го пуштиме во собраниска процедура“, изјави Гаши на денешниот брифинг.
На прашањето дали на седницата за пратенички прашања ќе го потсети премиерот Христијан Мицкоски да се произнесе по законските измени, собранискиот спикер рече дека станува збор за чувствително прашање и дека сите носители на јавни функции сакаат законот што побрзо да биде донесен.
Сепак, додаде дека за намалување и спречување на насилството врз жените ќе биде потребно заедничко дејствување на сите институции.
Гаши информираше и дека во Собранието сè уште не е пристигнато официјалното барање за одржување итна седница посветена на насилството врз жените и семејното насилство, што претходно го најави СДСМ, а за кое поддршка најави и ВМРО-ДПМНЕ. Тој рече дека веднаш ќе се постапи штом барањето биде доставено до неговиот кабинет или до собраниските служби.
Од граѓанските организации, пак, бараат наместо најави и декларативна поддршка, институциите да покажат конкретна политичка одговорност и да обезбедат законски решенија и мерки што ќе придонесат за заштита на жените и спречување на насилството.









