Унгарските власти под новото раководство на премиерот Петер Маѓар започнале кривична истрага за наводни злоупотреби и лошо управување во државната Ексимбанка, а меѓу случаите што ги проверуваат е и кредитот од една милијарда евра одобрен за Македонија, објави Ројтерс.
Полицијата соопшти дека истрагата опфаќа четири случаи, за кои постојат сомнежи за злоупотреба на службената положба и неправилно управување со средства.
Истражната постапка следува по пријава од унгарското Министерство за економија, поднесена во јули по спроведена интерна ревизија.
Во рамки на истрагата, унгарските истражители заплениле илјадници страници интерна документација од Министерството, која би требало да обезбеди дополнителни информации за сомнителните трансакции и одлуки.
Посебно внимание привлекува заемот од 1 милијарда евра за Македонија, кој бил одобрен со каматна стапка од 3,25 отсто и со целосна државна гаранција. Премиерот Маѓар претходно изрази сомнеж дека средствата кои требало да им помогнат на унгарските компании биле пренасочени кон странство, за поддршка на политички сојузник на претходната влада.
Истрагата опфаќа и друг голем финансиски аранжман – 126 милијарди унгарски форинти, односно околу 398 милиони долари, поврзан со инфраструктурен проект во Африка. Финансирањето било обезбедено од Ексимбанк и државната Унгарска развојна банка.
Ексимбанк до објавувањето на информацијата нема излезено со официјален коментар.
Случајот е дел од пошироката антикорупциска агенда на владата на Петер Маѓар, кој по преземањето на власта вети истраги за сомнителни финансиски активности од времето на поранешниот премиер Виктор Орбан.
Орбан ги отфрла обвинувањата за корупција.
Истрагата сега треба да утврди дали при доделувањето на спорните кредити биле прекршени законите и дали јавните средства биле користени спротивно на нивната намена.









