Американскиот претседател Доналд Трамп и кинескиот претседател Си Џинпинг ги пофалија односите меѓу САД и Кина и порачаа дека двете најголеми светски економии треба да соработуваат како партнери, наместо да се гледаат како ривали. Пораките беа упатени за време на државната посета на Си на Вашингтон, која кулминираше со свечена вечера во Белата куќа.
Трамп го пречека Си на 24 септември, при што двајцата лидери разговараа за билатералните односи, трговијата и можностите за соработка. Посетата е прва државна посета на кинескиот претседател на САД по повеќе од една деценија.
„САД и Кина треба да бидат партнери, а не ривали“, порачаа двајцата претседатели, нагласувајќи ја важноста на стабилните односи меѓу Вашингтон и Пекинг.
Трамп изјави дека има добри односи со Си и ги пофали трговските врски меѓу двете земји. Тој посочи дека двете држави се конкуренти, но дека тоа не треба да биде пречка за соработка.
Си, од своја страна, истакна дека Кина и САД имаат заеднички интереси и дека нивните односи треба да се развиваат врз основа на меѓусебно почитување и мирна коегзистенција.
Посебно внимание привлече моментот од прошетката низ Белата куќа, кога Трамп му ги покажуваше портретите на американските претседатели на кинескиот лидер.
Меѓу портретите на Трамп од двата претседателски мандата, наместо фотографија од неговиот претходник Џо Бајден, е поставена слика од автоматско пенкало, таканаречен автопен, со кој се потпишуваат документи.
„Трамп, па повторно Трамп, а ова е автопен“, му рече Трамп на Си, а потоа додаде: „Тоа е Бајден“.
Си Џинпинг гласно се насмеа на коментарот, а видеото од моментот објавено од Белата куќа брзо се прошири на социјалните мрежи.
Станува збор за уште една од провокациите на Трамп кон Бајден, кого американскиот претседател често го критикува во јавните настапи.
Нема пробив за клучните прашања
И покрај срдечната атмосфера и позитивните изјави, од средбата засега нема индикации за конкретен пробив во најважните отворени прашања меѓу двете сили.
На масата се трговските тензии и царините, односите околу Тајван, безбедносните прашања, војната во Иран и контролата врз развојот на вештачката интелигенција.
Посетата се одвива во период кога Вашингтон и Пекинг настојуваат да ги стабилизираат односите, но истовремено продолжуваат да се натпреваруваат за економско и геополитичко влијание.
Трамп на средбата ја истакна важноста на личните односи со Си, додека кинескиот претседател повика на соработка и избегнување конфронтација.
Свечената вечера во Белата куќа беше организирана во присуство на високи функционери и претставници на бизнис-секторот, меѓу кои и раководители на големи американски технолошки компании.









