Основниот кривичен суд Скопје го одби барањето на одбраната на Артан Груби за враќање на пасошот со понудена гаранција, иако денеска истече законскиот рок за мерката куќен притвор, што му беше определена во предметот „Државна лотарија“.
Од Судот информираат дека Груби и понатаму останува без патна исправа, а важи и забраната за издавање нов пасош или друг документ со кој би можел да ја премине границата.
Покрај тоа, судот му определи три мерки за претпазливост: забрана за напуштање на живеалиштето, обврска повремено да се јавува во судот и забрана за приближување и контактирање со одредени лица.
„Против обвинетиот и натаму останува активна мерката за претпазливост – одземање на патната исправа и забрана за издавање нова патна исправа или друг документ за преминување на државната граница, односно Кривичниот совет постапувајќи по предлог на одбраната на обвинетиот за укинување на оваа мерка со определена гаранција, по добиено негативно мислење од надлежното јавно обвинителство, донесе решение со кое го одби предлогот на одбраната“, се вели во соопштението.
Груби е второобвинет во случајот „Државна лотарија“, во кој се товари за злоупотреба на службената положба и овластување.
Според обвинителниот предлог, тој и уште седум лица се поврзуваат со незаконитости при набавката на видеолотариски терминали, со што, според обвинителството, била предизвикана штета од околу 9,7 милиони евра.
Второ судско рочиште за „Државна лотарија“ – обвинетиот Артан Груби не чувствува вина
Груби се врати во земјава на 23 февруари годинава, по што беше приведен, но набргу му беше определен куќен притвор. Тој на судењето се изјасни дека не е виновен.









