Поранешниот прв вицепремиер Артан Груби од денеска е на слобода, откако истече законскиот рок за мерката куќен притвор што му беше определена во предметот „Државна лотарија“.
Тој ќе продолжи да се брани од слобода, додека судската постапка против него продолжува.
Куќниот притвор истече на 13 октомври, односно по истекот на максималниот законски рок од 60 дена од поднесувањето на обвинителниот предлог. Груби, сепак, и понатаму може да биде предмет на други мерки на претпазливост.
Неговата одбрана понуди недвижен имот во вредност од 335.707 евра како гаранција за укинување на мерката со која му е одземен пасошот и му е забрането да ја преминува државната граница. За ова барање треба да одлучи судот, по добивањето мислење од надлежното обвинителство.
Груби е второобвинет во случајот „Државна лотарија“, во кој се товари за злоупотреба на службената положба и овластување.
Според обвинителниот предлог, тој и уште седум лица се поврзуваат со незаконитости при набавката на видеолотариски терминали, со што, според обвинителството, била предизвикана штета од околу 9,7 милиони евра.
Груби се врати во земјава на 23 февруари годинава, по што беше приведен, но набргу му беше определен куќен притвор. Тој на судењето се изјасни дека не е виновен.








