Обвинителството побара од Кривичниот суд да ја одбие гаранцијата од 195.820 евра што ја понуди Дејан Јованов-Деко, првообвинет во предметот за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Гаранцијата, во денарска противвредност од околу 12 милиони денари, е понудена преку ставање хипотека на недвижен имот со цел да се обезбеди неговото присуство во понатамошниот тек на судската постапка.
Според Обвинителството, дел од понудениот имот веќе е предмет на извршување, поради што не може да биде ставен под хипотека, ниту пак лесно да се претвори во парични средства доколку за тоа се појави потреба.
Во негативното мислење се посочува и дека значителен дел од недвижностите се помошни објекти, шупи и плевна, од кои дел претходно биле бесправно изградени. Оттаму сметаат дека таквиот имот тешко би можел да се продаде за сумата на која е проценет.
Јованов, преку одбраната, претходно понуди имот како гаранција дека нема да избега и дека ќе биде достапен на судењето.
Неговиот едногодишен рок во затворски притвор истекува на 3 октомври. Јованов е во притвор во рамки на судскиот процес за пожарот во „Пулс“, во кој на 16 март 2025 година загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.
Во меѓувреме, против Јованов е отворена и нова истрага за кривично дело „давање поткуп“, поради што Обвинителството побара определување нови мерки за обезбедување на неговото присуство. Според сомнежите на Обвинителството, тој дал поткуп на службено лице со цел да обезбеди лиценца за угостителска дејност, иако објектот не ги исполнувал законските услови.
За новото барање за мерка против Јованов треба да одлучува Кривичниот суд.









