Бленди Ходаи од Форумот за образовни промени во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ изјави дека, поради неусогласениот студентски оброк, државата на околу 30.000 студенти им должи приближно три милиони евра. Според него, проблемот не е само во износот од 140 денари, туку и во начинот на кој се пресметува и исплаќа субвенцијата.
Ходаи објасни дека студентскиот оброк треба да се води според законската формула, а не според произволни одлуки или политички договори. Тој истакна дека, иако постојат најави за зголемување на оброкот, во предлог-буџетот за 2027 година нема дополнителни средства за таа намена.
„Го видовме предлог-буџетот за 2027 година. Студентскиот стандард, особено студентскиот оброк, е ист како лани. Нема покачување“, изјави Ходаи во „Ноќно студио“.
Според Ходаи, разликата меѓу законски предвидениот износ и оној што студентите всушност го добиваат создава долг кон околу 30.000 корисници. Тој процени дека вкупната сума изнесува околу три милиони евра.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска претходно соопшти дека, според пресметките врз основа на официјалните податоци за инфлацијата, студентскиот оброк би требало да изнесува 156 денари, додека студентите засега добиваат 140 денари. Предлогот за зголемување на дневниот оброк од 140 на 200 денари претходно не доби поддршка од парламентарното мнозинство при вториот ребаланс на Буџетот за 2026 година.
Ходаи го постави прашањето и во социјален контекст, споредувајќи ги условите за студенти со оние за пратеници. Тој рече дека пратениците, со високи месечни примања, имаат пристап до евтини и богати оброци, додека студентите често штедат и на основната храна.
„Што е уште полошо, јадат кроасан и јогурт за вечера“, нагласи Ходаи.
ФОТО: Туна и кромид за студентите, повластени цени за пратениците – уметничка акција во Скопје
Соопшти дека студентите сега чекаат одлуката на Управниот суд, а од неа ќе зависат и следните чекори на организацијата. Тој истакна дека студентите се уморни од постојаното потсетување дека институциите треба да ги почитуваат законите.
„Ние чекаме сега од Управниот суд да видиме каква одлука ќе донесе“, рече Ходаи.








