Меѓународниот аеродром „Скопје“ ја доби престижната ASQ-награда за „Најпријатно аеродромско искуство во Европа“ за 2025 година, која ја доделува Меѓународниот совет на аеродроми (ACI World). Признанието беше врачено на Глобалниот самит за патничко искуство во Истанбул.
Ова е 11-та ASQ-награда за скопскиот аеродром, а признанието се темели директно на оценките и мислењата на патниците.
Во оценувањето се земаат предвид повеќе аспекти од престојот на аеродромот – од ефикасноста на чекирањето и безбедносните проверки, до чистотата, удобноста на терминалот и јасната сигнализација.
Од ТАВ Македонија велат дека наградата претставува потврда за посветеноста на вработените кон квалитетот на услугите, особено во период кога скопскиот аеродром опслужува рекорден број патници.
ASQ-програмата на ACI World е една од водечките глобални програми за мерење и споредување на квалитетот на аеродромските услуги преку искуствата на самите патници.










