Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова не го потпиша указот за прогласување на измените и дополнувањата на Законот за јавните набавки, кои Собранието ги усвои на седницата одржана на 26 октомври. Таа смета дека новото законско решение отвора простор за неограничен број мандати на претседателот и членовите на Државната комисија за жалби по јавни набавки, што може да доведе до концентрација на моќ и влијание врз одлучувањето за трошењето на јавните пари.
Во образложението на одлуката, Сиљановска-Давкова наведува дека според досегашната законска формулација, претседателот и членовите на Комисијата се именуваат за пет години, со право на уште еден избор. Со усвоените измени, пак, се предвидува мандат од пет години со право на повторно именување.
Според претседателката, разликата во формулацијата не е само техничка, туку создава правна нејаснотија и остава можност за неограничено повторување на мандатите.
Таа предупредува дека ваквото решение може да овозможи концентрација на апсолутна моќ во мал број лица, особено имајќи предвид дека Комисијата одлучува за жалби во постапките за јавни набавки, во кои се трошат значителни јавни средства.
Сиљановска-Давкова во образложението потсетува и на претходни одлуки и работењето на ова тело, кое, како што наведува, било проследено со бројни проблеми, сомнежи и обвинувања за непрописно, неодговорно и незаконско постапување.
„Сметам дека новото законско решение, во за мене спорната одредба од членот 13 од Законот за изменување и дополнување на Законот за јавните набавки, отвора сериозни дилеми за владеење на правото“, наведува претседателката.
Таа побара од Собранието при повторното разгледување на законските измени да ги земе предвид нејзините забелешки и да ги преиспита причините поради кои не го потпишала указот.
Инаку, измените на Законот за јавните набавки, кои беа усвоени во Собранието, предвидуваат воведување дигитални алатки и решенија базирани на вештачка интелигенција за следење на постапките и откривање можни злоупотреби. Меѓу новините е и задолжителната примена на критериумот „најдобар сооднос помеѓу цена и квалитет“, како и поголема автоматска размена на податоци меѓу институциите.








