Собранието ги усвои измените и дополнувањата на Законот за јавните набавки, со кои се предвидува воведување современи дигитални алатки, вклучително и решенија базирани на вештачка интелигенција, за поефикасно следење на постапките и препознавање можни злоупотреби, соопшти Министерството за финансии.
Со законските измени, како што се наведува во соопштението, се прошируваат надлежностите на Бирото за јавни набавки, кое ќе може да користи дигитални алатки за следење на постапките, навремено откривање ризици и спречување неправилности. Предвидено е и воспоставување веб-сервиси и автоматска размена на податоци со други институции.
Една од позначајните новини е задолжителната примена на критериумот „најдобар сооднос помеѓу цена и квалитет“. Тоа значи дека при изборот на најповолната понуда нема да се оценува само цената, туку и квалитетот и долгорочната оправданост на понуденото.
Измените предвидуваат и унапредување на Електронскиот пазар на набавки од мала вредност, со цел да се зголеми неговата употреба и да се поттикне поголема конкуренција меѓу компаниите.
Во делот на транспарентноста, се воведува обврска за објавување известување за доброволна претходна транспарентност при постапките со преговарање без објавување оглас, во законски утврдените случаи. На овој начин, јавноста и економските оператори ќе имаат поголем увид во ваквите постапки.
Со новите законски решенија се предвидува и промена во професионалното усовршување на службениците за јавни набавки. Наместо периодично повторно полагање испит за ресертификација, ќе се воведе систем на континуирано професионално усовршување.
Дополнително, ќе се усогласат вредносните прагови за примена на Законот со актуелните економски услови и растот на трошоците, а ќе се ревидираат и надоместоците за жалбена постапка, со задржување на принципот на достапна правна заштита.
Законските измени се дел од реформските активности за модернизација на системот на јавни набавки и негово усогласување со европските стандарди, со цел поголема транспарентност, конкуренција и поодговорно трошење на јавните средства.







