Полициските возила, вклучително и оние без видливи ознаки на МВР, ќе добијат опрема за автоматско регистрирање сообраќајни прекршоци. Новиот систем треба да почне да функционира во 2027 година и ќе овозможи контрола и на патиштата каде што не се поставени камери од системот „Безбеден град“.
Ова го најави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кој посочи дека со мобилните уреди ќе може да се откриваат повеќе видови прекршоци, меѓу кои и возење со брзина над дозволената.
Според Тошковски, досегашната примена на „Безбеден град“ покажала дека возачите ги приспособуваат своето однесување и брзината кога поминуваат низ патиштата на кои има поставено камери, но дисциплината не е иста на останатите патишта.
Токму затоа, како што најави министерот, контролата ќе се прошири и преку полициските автомобили, кои ќе можат да регистрираат прекршоци и додека се во движење.
„Во иднина голем број од полициските возила, вклучително и цивилните, ќе бидат опремени со уреди со кои ќе може да се констатираат неколку прекршоци“, рече Тошковски.
Прекршоците регистрирани со овие уреди ќе се евидентираат директно во електронскиот систем, со што контролата нема да зависи само од фиксните камери и однапред познатите локации на кои се врши надзор.
Со ова, Министерството за внатрешни работи планира да го прошири опфатот на автоматската контрола и да ги опфати и делниците на кои засега нема поставено камери на „Безбеден град“.








