Русија изврши нов напад со балистички ракети врз украинската престолнина Киев, при што беше погодена една од клучните енергетски постројки во градот, а оштетена е и станбена зграда. Според најновите информации, најмалку тројца загинале, а 21 лице е повредено, додека спасувачките екипи продолжуваат со интервенциите.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски соопшти дека главна цел на нападот била топланата ТЕЦ-4, важен објект за снабдување со енергија на Киев. Ракетите погодиле и станбен објект, каде што избувнал пожар, а оштетувања се пријавени и на други локации во градот.
Зеленски остро реагираше бидејќи Украина повторно не добила навремено предупредување од западните партнери за лансирањето на балистичките ракети. Според него, украинските системи ги откриле проектилите дури кога се приближувале до престолнината.
Украинските власти соопштија дека недостигот од предупредувања се случува втора ноќ по ред, а причините за тоа сè уште се испитуваат. Зеленски предупреди и дека, според разузнавачките информации, Русија подготвува нови балистички напади.
Нападот се случува во време на зголемени руски удари врз украинската енергетска инфраструктура, пред почетокот на постудениот период. Украинските власти предупредуваат дека оштетувањето на електраните и другите енергетски објекти може дополнително да го отежне снабдувањето со електрична енергија и топлина.
Зеленски ја обвини Москва дека продолжува со нападите врз енергетските објекти и покрај најавите на американскиот претседател Доналд Трамп за енергетско примирје. Тој повторно повика на меѓународна реакција и поголема поддршка за украинската противвоздушна одбрана.








