Марија дел Кармен Абаскал, 87-годишната пензионерка од Мадрид чие присилно иселување од домот предизвика масовни протести и силен политички притисок во Шпанија, почина во болница.
Мари Кармен повеќе од седум децении живеела во станот во мадридската населба Ретиро. На 23 септември полицијата ја исели од домот, при што таа беше изнесена на носилка. Станот го напуштила откако значително бил зголемен износот на киријата, која не можела да ја покрива со својата пензија.
Случајот предизвика големо незадоволство во јавноста и прерасна во симбол на кризата со домувањето во Шпанија. Илјадници, а потоа и десетици илјади граѓани излегоа на улиците, барајќи посилна заштита на станарите, ограничување на зголемувањето на кириите и забрана за иселување на луѓе доколку немаат обезбедено алтернативно сместување.
Протестите особено се засилија во Мадрид, каде што демонстранти поставија шатори на плоштадот Пуерта дел Сол. Движењето постепено се прошири и во други шпански градови, а случајот на Мари Кармен стана една од главните точки на дебатата за станбената политика.
Под силниот јавен притисок, сопственикот на имотот подоцна се согласи да ѝ овозможи повторно да се врати во својот дом. Сепак, договорот дошол предоцна. Пензионерката во меѓувреме била хоспитализирана, а нејзиното здравје било сериозно нарушено поради стресот и траумата предизвикани од иселувањето.
Нејзината смрт дополнително го зголеми гневот кај демонстрантите и активистите за право на домување. На плоштадот Пуерта дел Сол беше одржана минута молк во нејзина чест, додека синдикатите најавија нови протести и генерален штрајк со барања за подобри услови за живот, пристапно домување и мерки за ограничување на растот на цените.
Кризата со домувањето веќе подолго време е една од најчувствителните теми во Шпанија. Растот на кириите, недостигот на достапни станови и големиот број иселувања создаваат сè поголем притисок врз владата.
Во меѓувреме, премиерот Педро Санчез распиша предвремени парламентарни избори за 29 ноември, по парламентарниот пораз на неговата влада во обидите да се усвојат итни мерки за справување со станбената криза.
Случајот на Мари Кармен така прерасна од индивидуална приказна за една пензионерка во поширок симбол на незадоволството од состојбата со домувањето во Шпанија.








