Граѓаните кои имаат платежни сметки во „Алта банка“ АД Битола, но немаат платежни картички, од утре, 5 ноември, ќе можат да подигнуваат готовина на шалтерите во главната филијала на банката во Битола. Максималниот износ што ќе можат да го повлечат е 20.000 денари во период од две недели, информира Народната банка.
Мерката првенствено е наменета за пензионерите и примателите на социјална помош кои средствата ги добиваат преку сметки во банката, но не поседуваат платежни картички.
За исплатата ќе бидат отворени повеќе шалтери во главната филијала на улицата „Добривое Радосављевиќ“ број 21 во Битола. Граѓаните нема да можат самостојно да избираат кога ќе ги подигнат средствата, бидејќи исплатата ќе се организира според однапред утврден распоред.
Клиентите ќе добијат СМС-пораки со информации за точниот датум и час кога треба да се појават во филијалата. Од Народната банка апелираат граѓаните да ги почитуваат добиените термини и да не доаѓаат порано или во денови кога не се повикани, со цел да се избегнат гужви и подолго чекање.
За оние кои нема да можат да дојдат во предвидениот термин, ќе бидат обезбедени дополнителни можности за исплата.
Од 6 ноември, петок, филијалата ќе работи во две смени, а работното време ќе биде продолжено и во сабота, 7 ноември. Шалтерите ќе бидат наменети исклучиво за подигање готовина, без можност за извршување други банкарски трансакции.
Народната банка информира дека веќе се работи на подготовка за отворање вакви шалтери и во други градови во земјата, наменети пред сè за пензионерите и примателите на социјална помош кои немаат платежни картички.
Претходно, за физичките лица беше утврден неделен лимит од 10.000 денари за повлекување готовина преку платежни картички.








