Патнички авион на лет од грчкиот остров Крф до германскиот град Нирнберг активирал меѓународен сигнал за киднапирање, по што НАТО испратил борбени авиони за да го пресретнат и идентификуваат леталото. Авионот безбедно слетал во Германија, а надлежните истражуваат што го предизвикало безбедносното предупредување, пренесува Нова.рс.
Според хрватското Министерство за одбрана, авионот го емитувал кодот 7500, кој меѓународно се користи за сигнализирање киднапирање или обид за нелегално преземање контрола врз воздухоплов.
По активирањето на сигналот, командата на НАТО за воздушни операции наредила итно пресретнување. Хрватски борбен авион „Рафал“ го пресретнал патничкиот авион над Кореница во 11:02 часот, а пилотот визуелно го идентификувал и се обидел да воспостави радиокомуникација со екипажот.
Хрватскиот ловец го следел авионот низ хрватскиот воздушен простор до неговото влегување во Словенија. Потоа, германски борбени авиони „Еурофајтер“ го придружувале леталото кон Нирнберг.
Според германските медиуми, станува збор за „Боинг 737-800“ на авиокомпанијата „Корендон ерлајнс Јуроп“, кој со летот XR456 сообраќал од Крф до Нирнберг. Авионот слетал околу 12:16 часот, по што полицијата го прегледала и соопштила дека нема непосредна опасност.
Германската полиција потврдила дека пилотот не бил достапен преку радио по активирањето на сигналот. Една од можните причини што се испитуваат е технички дефект на комуникациската опрема во пилотската кабина.
Истрагата треба да утврди дали станувало збор за технички проблем или за друга околност.
Инцидентот предизвикал привремен прекин на воздушниот сообраќај на аеродромот во Нирнберг, додека траела безбедносната проверка.









