Професорот д-р Никола Јанкуловски е избран за нов претседател на Лекарската комора, а д-р Идриз Орана за заменик-претседател на професионалната организација на лекарите во земјава. Одлуките беа донесени на денешната седница на Собранието на Комората.
На седницата беа избрани и тројца потпретседатели: д-р Биљана Петковска Огњанова за примарно здравство, д-р Ленче Нелоска за секундарно здравство и д-р Ристо Тодоров за терцијарно здравство.
Од Лекарската комора посочуваат дека со изборот на Јанкуловски добиваат претседател со долгогодишно академско, менаџерско и клиничко искуство, кој има значаен придонес во развојот на здравството и високото образование.
„Голема чест и уште поголема одговорност е да се биде на чело на Лекарската комора. Мојот фокус ќе биде насочен кон заштита и унапредување на правата и статусот на сите лекари во нашата земја, унапредување на транспарентноста во работењето на Комората и дигитализација на процесите, активно вклучување на Комората во носењето законски решенија од областа на здравството и преку нови функционални решенија да придонесеме за креирање подобри услови за работа на докторите и лекување на пациентите“, изјави Јанкуловски.
Тој е супспецијалист по абдоминална хирургија и долгогодишен редовен професор на Катедрата за хирургија при Медицинскиот факултет во Скопје. Бил директор на Универзитетската клиника за дигестивна хирургија, декан на Медицинскиот факултет во два мандата и ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, исто така во два мандата.









