Поранешната градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска, тврди дека поранешниот градоначалник на Чаир, Висар Ганиу, поднел тужба за клевета против неа, бидејќи во јавноста го нарекла криминалец.
Арсовска денеска се огласи на социјалните мрежи, каде што повторно изнесе обвинувања за наводни незаконски легализации во Општина Чаир. Таа тврди дека станува збор за 150 фалсификувани легализации, меѓу кои и на зграда вредна пет милиони евра.
Како спорен пример ја посочи зградата за која тврди дека била изградена во 2025 година, но легализирана како да постоела од 2010 година. Арсовска прашува како објектот можел да биде пријавен како изграден во 2010 година, ако фирмата што го градела била основана во 2020 година, а земјиштето било купено во 2021 година.
„Висар, немаш ти душевна болка дека сум те нарекла криминалец, имаш болка бидејќи си фатен со 3.200 страници докази дека си криминалец“, напиша Арсовска.
Таа го повика и Јавното обвинителство да постапи по наводите, обвинувајќи го дека со години не реагира. Во објавата изнесе и тврдења дека таа и нејзиното семејство биле изложени на закани, малтретирање и заплашување.








