Пратениците се согласија да се разгледуваат причините за воведувањето администрација во „Алта банка“ АД Битола, постапувањето на Народната банка и институционалната одговорност, но ја избришаа формулацијата „измама на граѓаните“ од предлогот на СДСМ.
Собраниската Комисија за финансирање и буџет донесе одлука да се одржи надзорна расправа за случајот со „Алта банка“ АД Битола, на иницијатива на пратеничката група на СДСМ и коалицијата.
Темата на расправата ќе биде „Причини за воведувањето администрација во Алта банка АД Битола, улогата и постапувањето на Народната банка и институционалната одговорност“.
Првичниот предлог на СДСМ ја содржеше и формулацијата „за измамата на граѓаните“, но пратениците од ВМРО-ДПМНЕ побараа таа да биде отстранета, со образложение дека не може однапред да се утврди дека станува збор за измама.
Пратеничката Дафина Стојаноска рече дека Собранието не може да преземе улога на суд и однапред да квалификува одреден случај како измама.
– Ние не сме тука суд, односно вие не сте суд за да дефинирате дека се работи за некаква измама на граѓаните. Така што, доколку се согласувате овие крајни три збора да се отстранат од предлогот на темата на вашата иницијатива, тогаш секако дека ќе ја поддржиме – изјави Стојаноска.
И пратеникот Бојан Стојаноски оцени дека случајот со „Алта банка“ се разликува од оној со „Евростандард банка“, бидејќи, како што рече, во овој случај нема судски процеси ниту обвинение. Тој предложи темата да остане без спорната формулација.
Од СДСМ, пратеникот Оливер Спасовски рече дека е прифатливо постигнатото решение за насловот. Тој потсети дека првичната формулација била преземена од иницијативата за надзорна расправа за „Евростандард банка“.
Спасовски предложи членовите на Комисијата веднаш да одржат координација и да ги утврдат распоредот, роковите, времетраењето и учесниците во надзорната расправа.
Комисијата усвои и заклучок за одржување заедничка координација со членовите и заменик-членовите во најкус можен рок, за да се договорат деталите.
Уапсен сопственикот на „Алта банка“, Давор Мацура, по повеќе од 30 часа полициски претреси








