Повеќе од 5.000 корисници на социјална помош и други права од социјална заштита кои имаат сметки во Алта банка ќе можат да ги подигнат средствата директно на шалтер, без ограничување на износот. Исплатата се очекува да започне уште утре, а подготовките за отворање на шалтерите се во тек.
Ова за Телма го изјави министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, посочувајќи дека овие корисници ќе имаат приоритет при исплатата и ќе можат да го подигнат целиот износ што им следува.
„Се работи за околу 5.000 корисници на социјална помош и други права од социјална заштита коишто имаат сметки во Алта банка. Тие ќе имаат приоритет при подигнување на средствата и нема да бидат лимитирани, туку ќе можат целиот износ да си го подигнат од отворените шалтери“, изјави Велковски за Телма.
Според информациите на Телма, планирано е да бидат отворени три шалтери – најпрво во Битола, а потоа и во Скопје и Струмица. На нив ќе можат да ги подигнуваат средствата и пензионерите кои немаат платежни картички и не користат банкомати.
За пензионерите ќе биде овозможено подигнување до 20.000 денари во една трансакција на шалтер, наместо претходно најавениот неделен лимит од 10.000 денари.
Народната банка во текот на викендот го презеде управувањето со Алта банка, по што беа воведени ограничувања за располагање со средствата на клиентите. Од централната банка информираа дека веќе има интерес од домашни и странски финансиски институции за банката.








