Уште еден случај на морбили е потврден во земјава, со што бројот на заразени се искачи на пет. Станува збор за едно и полгодишно дете, а меѓу досега потврдените случаи има вкупно три бебиња, 45-годишен човек и еден државјанин на Косово.
Министерот за здравство Сашо Клековски денеска информираше дека сè уште се чека официјалната епидемиолошка анализа за да се утврди дали и како се поврзани случаите.
Според првичните сознанија, постои поврзаност меѓу косовскиот државјанин и трите домашни случаи, но конечните наоди треба да ги потврди Институтот за јавно здравје.
„Имаме прелиминарна поврзаност помеѓу странскиот државјанин и трите домашни случаи, меѓутоа би почекал епидемиолошката анализа на Институтот за јавно здравје да биде готова и да го кажеме тоа службено“, изјави Клековски пред почетокот на националната консултација за новиот закон за лекови.
Во однос на можноста за масовна вакцинација и проверка на вакциналните картони, министерот рече дека засега се апелира на личната одговорност на граѓаните, наместо да се воведуваат присилни мерки. Тој ги повика граѓаните да проверат дали примиле две дози вакцина или ја прележале болеста.
Клековски потсети дека морбилите се меѓу најзаразните вирусни заболувања и дека заразноста во воздухот може да се задржи до два часа. Затоа, лицата кај кои ќе се појават карактеристичните симптоми треба телефонски да се јават кај лекар, наместо да одат директно во здравствена установа. Родителите, пак, се повикани да не ги носат децата со симптоми во градинки и училишта.
Четири случаи на морбили во Македонија, две бебиња меѓу заболените
Министерот посочи дека вакцинацијата е особено важна за заштита на оние кои сè уште не можат да ја примат вакцината, пред сè бебињата помали од 12 месеци. Според него, во земјава постојано има околу 15.000 бебиња кои се во одреден ризик.
Во меѓувреме, во тек се инспекциски надзори во здравствените установи, како и проверки на можните примарни и секундарни контакти на заразените лица.







