Судскиот процес против 31-годишниот Кристијан Корабоски, обвинет за нападот врз 26-годишната Сара Ѓорѓиеска од Охрид, е закажан за 27 ноември.
Обвинителството го товари за три кривични дела – телесна повреда, противправно лишување од слобода и загрозување на сигурноста. По поднесувањето на обвинението, судот му одреди притвор во траење до 30 дена.
Едно од обвиненијата се однесува на настаните во автомобилот, каде што, според обвинителството, Корабоски не ѝ дозволил на Сара да излезе од возилото и продолжил да вози со голема брзина, и покрај нејзините барања да ја пушти.
Корабоски обвинет за три кривични дела, доби 30 дена притвор за нападот врз Сара
Нападот се случил на 15 ноември. Според полициските информации, конфликтот започнал во домот, по што продолжил во автомобилот. Откако возилото запрело, физичкиот напад продолжил, а девојката изгубила свест.
Сара првично била хоспитализирана во Општата болница во Охрид, а потоа била пренесена во болницата „Св. Еразмо“, каде што лекарите утврдиле тешки телесни повреди. По отпуштањето од болницата, таа продолжила со медицински испитувања на клиника во Скопје за да се утврди нејзината целосна здравствена состојба. Според првичните болнички информации, имала повеќе повреди, хематоми и модринки.
Случајот предизвика бројни реакции, особено поради начинот на кој институциите постапувале по пријавениот напад. Директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, најави дека ќе се испитува дали имало пропусти во полициското постапување.
По првичното приведување, на Корабоски му биле определени мерки на претпазливост. Полицијата продолжила со собирање докази, кои потоа биле доставени до Обвинителството. Врз основа на дополнителните сознанија, обвинителството побарало притвор, по што судот ја прифатил мерката во траење до 30 дена.
Ја затворил, ја нападнал и ѝ се заканувал: Обвинение против Корабоски за три кривични дела








