Европската Унија изрази длабока загриженост поради измените на законот со кои Косово предлага ограничување на надлежностите на Специјализираните совети во Хаг, институцијата што постапува по случаи за воени злосторства и други сериозни кривични дела поврзани со Косово.
Косовското Собрание ги усвои измените, со кои се предлага значително стеснување на опфатот на судот. Меѓу другото, надлежноста би се ограничила на дела поврзани со наводите за трговија со органи од извештајот на Советот на Европа од 2011 година, како и на злосторства извршени во периодот од јули 1999 до декември 2000 година.
Со ваквата промена би бил изоставен дел од периодот од јануари 1998 година, кој сега е опфатен со мандатот на Специјализираните совети. За предметите што не би влегувале во новиот опфат се предлага надлежноста да премине на редовните судови во Косово.
Предложените измени предвидуваат и можност затворските казни да се издржуваат во Косово, како и можност претседателот на државата да помилува осудени лица. Дополнително, се предлага ограничување на највисоката затворска казна на 15 години.
Од ЕУ порачаа дека сегашниот мандат и независноста на Специјализираните совети мора целосно да се почитуваат. Брисел оцени дека усвоените измени се спротивни на меѓународните обврски на Косово кон Европската Унија.
Специјализираните совети се дел од правниот систем на Косово и се основани со меѓународен договор, уставен амандман и посебен закон. Институцијата има седиште во Хаг, а нејзиниот мандат опфаќа воени злосторства, злосторства против човештвото и други кривични дела извршени или започнати во Косово во периодот од 1 јануари 1998 до 31 декември 2000 година.
Иницијативата за промена на законот дојде по неодамнешната пресуда со која поранешниот косовски претседател Хашим Тачи и тројца поранешни команданти на ОВК беа осудени за воени злосторства. Пресудата сè уште не е правосилна и одбраната најави жалби.

Од косовската опозиција, која ја иницираше промената на законот, ги отфрлаат оценките дека со измените се прекршуваат меѓународните обврски. Оттаму тврдат дека Косово има право да го менува сопственото законодавство.
Специјализираните совети засега не сакаат директно да ги коментираат измените, наведувајќи дека нивниот фокус останува на спроведување фер и независни судски постапки и на заштитата на сведоците и жртвите.
Усвојувањето на измените доаѓа во период на зголемени политички тензии во Косово и по повеќедневни протести во Приштина, на кои демонстрантите бараа ограничување на надлежностите на судот во Хаг.








