Музичкиот фестивал ЕГЗИТ официјално го најави враќањето во Србија, со специјално издание што ќе се одржи од 1 до 4 јули 2027 година на Петроварадинската тврдина во Нови Сад. Првиот фестивалски ден ќе биде посветен на студентите од Србија, кои ќе имаат бесплатен влез.
„Враќање дома што сите го чекавме! Официјално е! Од 1 до 4 јули 2027 година повторно ќе се собереме за да ги славиме музиката, слободата, единството и љубовта“, објавија организаторите.
Најавеното издание ќе биде вовед во целосното враќање на фестивалот во 2028 година. На Петроварадинската тврдина повторно ќе бидат поставени и две од најпознатите фестивалски сцени – „Денс арена“ и „Но слип“, а организаторите најавуваат и дополнителни изненадувања.
Бесплатниот влез на 1 јули е наменет исклучиво за студентите од Србија. Организаторите велат дека на овој начин сакаат да им оддадат признание за нивната храброст, решителност и истрајна борба за слобода и подобра иднина на земјата.
Билетите за преостанатите три дена, од 2 до 4 јули, наскоро ќе бидат пуштени во продажба, додека деталите за програмата и изведувачите ќе бидат објавени дополнително.
Фестивалот претходно најави дека планира да се врати во 2028 година, но големиот интерес од публиката и бројните пораки ја забрзаа одлуката за организирање специјално издание уште следното лето.
ЕГЗИТ ја напушти Србија во 2025 година, наведувајќи политички, безбедносни и финансиски притисоци по поддршката на студентските протести.









