Македонскиот кардиолог и алпинист Сашко Кедев влезе во Гинисовата книга на рекорди како највозрасниот човек во светот што ги искачил сите 14 планински врвови повисоки од 8.000 метри.
Предизвикот го заокружи на 20 јули 2025 година, кога се искачи на Гашербрум I. Тогаш имаше 63 години и 14 дена, а зад себе низа искачувања што ја започна шеснаесет години претходно, на Еверест.
На највисокиот врв на светот Кедев се искачи на 19 мај 2009 година. Во септември 2021 година го искачи Манаслу, а следната година следуваа Дхаулагири I, К2 и Брод Пик. Последните два врва ги искачи во само една недела — на 22 и на 29 јули 2022 година.
Низата продолжи во 2023 година со Анапурна I, Нанга Парбат и Чо Оју. Во 2024 година Кедев искачи уште четири осумилјадници: Макалу и Лхоце во мај, Гашербрум II во јули и Шиша Пангма во октомври.
До завршувањето на предизвикот останаа уште два врва. На Канченџунга се искачи на 23 мај 2025 година, а неполни два месеца подоцна, со искачувањето на Гашербрум I, стана првиот Македонец што ги достигнал сите 14 осумилјадници и највозрасниот човек во светот што го остварил овој подвиг.
Кедев е роден на 6 јули 1962 година. За особените заслуги во медицината и за историското достигнување во алпинизмот е одликуван со Орденот „8 Септември“.








