Рекордно високи цени на горивата во Германија доведоа до зголемена загриженост на тамошните власти, а канцеларот Фридрих Мерц најавува мерки за намалување на цените.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц најави дека сојузната влада подготвува мерки за олеснување на товарот врз возачите погодени од рекордно високите цени на горивата. Сепак, сè уште не е јасно дали решението ќе биде ограничување на цените на горивата, данок на екстрапрофит или некоја друга форма на државна интервенција.
Бензинските пумпи во Германија имаат право еднаш дневно, точно напладне, да ги зголемат цените на горивата. На 15 септември, литар бензин Е10 во Берлин претпладне чинеше околу 2,25 евра, додека дизелот достигна цена од околу 2,37 евра за литар. Точно во 12 часот цените пораснаа за околу 20 центи по литар.
Највисоките цени беа забележани на бензинска пумпа покрај автопат во јужниот дел на Берлин, каде што литар бензин „Супер Плус“ достигна цена од 3,03 евра.
Возачите се сè понезадоволни. Додека жителите на големите градови имаат можност да користат јавен превоз, за граѓаните во руралните средини автомобилот често останува единствената реална опција за превоз.
Во подобра позиција се жителите на пограничните региони. Според пресметките на Германскиот завод за статистика, на 7 септември полнењето резервоар од 60 литри со бензин Е10 било за околу 31 евро поевтино во Чешка и Полска отколку во Германија. Во Луксембург заштедата изнесувала околу 28 евра, а во Австрија 25 евра.
Дали цените се неоправдано високи?
Заменик-владиниот портпарол Штефен Мајер во понеделникот ја отфрли одговорноста на владата за високите цени на горивата.
Според него, цените се резултат на глобалните пазарни движења и на влошената безбедносна состојба на Блискиот Исток, нападите врз нафтоводи и блокадите на поморските трговски рути.
Но, факт е дека Германија ги оптоварува горивата со повисоки даноци и давачки отколку голем дел од соседните држави.
Германскиот автомобилски клуб АДАЦ предупредува дека цената на суровата нафта сè уште е под претходните рекордни нивоа, додека бензинот Е10 никогаш досега не бил толку скап.
„Од перспектива на АДАЦ, особено на ниво на рафинерии и големопродажба, неопходни се дополнителни објаснувања“, изјави портпаролка на клубот.
Уште поостар е Херберт Рабл од Здружението за интереси на бензинските пумпи.
„Се извлекуваат огромни приходи. Нафтените компании не се откажуваат од дел од своите профитни маржи“, изјави Рабл за весникот „Рајнише Пост“.
Ова е тема која веќе подолго време се дискутира во политичките кругови, но коалициските партнери сè уште немаат единствен став за тоа како да се реагира.
Влада: Нема простор за нов попуст на цените на горивата
Во Германија владејачката коалиција ја сочинуваат конзервативниот блок ЦДУ/ЦСУ и Социјалдемократската партија (СПД).
Дополнителен проблем е состојбата со јавните финансии. Сојузниот буџет може да се финансира само преку историски високо ново задолжување.
Според портпаролот Мајер, најдобар начин за намалување на цените е прекин на воените дејствија и обезбедување непречена поморска пловидба.
По избувнувањето на војната со Иран и растот на цените на нафтата, германската влада пролетва воведе таканаречен „попуст за гориво“. Од 1 мај до 30 јуни 2026 година беше привремено намален енергетскиот данок на бензинот и дизелот.
Заедно со ДДВ, ова требаше да ги намали цените на горивата за околу 17 центи по литар.
Сојузната министерка за економија Катарина Рајхе од ЦДУ за телевизијата н-тв изјави дека таква мерка не може повторно да се примени.
„Веќе имавме попуст за горивата и ги субвенциониравме цените. Во рамките на коалицијата заеднички одлучивме дека во моментов нема финансиски простор за таков чекор“, рече таа.
Како алтернатива, конзервативците разгледуваат можност за даночни олеснувања за луѓето кои секојдневно патуваат до работа, како и директна финансиска помош за граѓаните со ниски приходи.
Социјалдемократите, пак, сметаат дека тоа не е доволно. Тие повторно предлагаат воведување државен ценовен плафон за горивата, како и данок на екстрапрофит за енергетските компании.
Партијата поддржува и привремено намалување на енергетските даноци во кризни периоди со цел веднаш да се намалат цените на бензинските пумпи.
Поддршка за воведување данок на екстрапрофит доаѓа и од баварскиот премиер и лидер на ЦСУ, Маркус Зедер. Сепак, тој смета дека сојузната влада треба да разговара и за намалување на даноците и давачките.









