Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, најави дека во недела, 27 септември, околу 20 часот ќе поднесе оставка од претседателската функција. Тој ова го соопшти од Њујорк, каде што учествува на Генералното собрание на Обединетите нации.
„Во недела навечер поднесувам оставка, мислам дека ќе биде околу осум часот навечер. Ќе ве известам, ќе ве повикам сите и ќе го слушнете моето образложение и сè останато“, изјави Вучиќ пред новинарите.
Тој претходно најави дека ќе се повлече од функцијата по враќањето од САД, а оставката ја поврза со плановите да се вклучи во предизборната кампања како обичен граѓанин. Српската напредна партија претходно го избра за носител на листата „Александар Вучиќ – Обединета Србија“ на претстојните избори.
Вучиќ најави дека ќе им се обрати на граѓаните и ќе ги образложи причините за одлуката.
Србија ќе одржи предвремени парламентарни избори на 25 октомври. Одлуката доаѓа по повеќемесечни политички тензии и масовни студентски протести кои траат речиси две години. Редовните парламентарни избори требаше да се одржат во декември 2027 година.
Покрај оставката, Вучиќ од Њујорк најави и разговор со рускиот претседател Владимир Путин во наредните денови. Според него, по разговорот, кој се очекува во следните два до три дена, би можел да има повеќе информации за решението за српската нафтена компанија НИС.
Вучиќ посочи дека со Путин ќе разговара за енергетските договори, иднината на НИС и работењето на Руските железници во Србија.
Рокот за важечката американска лиценца за работа на НИС истекува на 30 септември, што ја прави неизвесна иднината на компанијата и снабдувањето со енергенси.








