Владата на денешната седница ја усвои потребата од итно мислење од Венецијанската комисија за предложениот модел за полагање на правосудниот испит, соопшти Министерството за правда.
Целта е да се добие независна меѓународна експертска оценка за тоа дали предложеното решение е во согласност со Уставот, меѓународните правни инструменти и европските стандарди.
Во рамки на постапката, претставници на Венецијанската комисија ќе разговараат со институциите, парламентарните политички партии, деканите на петте правни факултети и претставници на студентските организации.
Предвидени се и практични демонстрации на двата дела од правосудниот испит. Писмениот дел ќе биде презентиран во Апелациониот суд во Скопје, додека усниот дел ќе биде демонстриран во Министерството за правда.
Предложениот модел предвидува единствен систем на полагање, со исти услови и професионални критериуми за сите кандидати, без разлика на јазикот на кој ги завршиле студиите.
Токму прашањето за јазикот на полагање предизвика политички реакции и несогласувања. Според предлогот, теоретскиот дел би можел да се полага на јазикот на кој кандидатот ги завршил студиите, додека практичниот дел, кој вклучува симулација на судска постапка, би се полагал на македонски јазик.
Венецијанската комисија е советодавно тело на Советот на Европа, чие мислење треба да даде правна оценка за предложениот модел.









