Најмалку осум лица се повредени во напад со поморски дронови врз Сочи, популарното руско летувалиште на брегот на Црното Море. Нападот се случил во текот на ноќта, а руските власти соопштија дека е оштетена и дел од инфраструктурата на плажата.
На снимки објавени на социјалните мрежи се гледа експлозија на крајбрежното шеталиште, додека во позадина се слуша пукање и паника меѓу присутните. Автентичноста на снимката е потврдена.
Украина во последниот период речиси секојдневно изведува напади со беспилотни летала врз цели длабоко на руска територија, особено инфраструктура поврзана со енергетиката и логистиката. Сепак, употребата на поморски дронови е поретка.
Сочи, кој беше домаќин на Зимските олимписки игри во 2014 година, е едно од најпознатите руски туристички места на Црното Море. Во градот се наоѓа и официјална резиденција на рускиот претседател Владимир Путин.










