Бугарија нема да учествува во новиот финансиски пакет на Европската Унија за Украина, вреден 70 милијарди евра, изјави бугарскиот премиер Румен Радев, откако украинскиот претседател Володимир Зеленски побара дополнителни средства за одбрана од руската инвазија.
„Бугарија не може на никаков начин да учествува во овие 70 милијарди евра“, изјави Радев пред новинарите во бугарскиот град Твардица, пренесe бугарската новинска агенција БТА.
Барањето за дополнително финансирање било упатено на неодамнешниот самит на Европскиот совет во Брисел. Зеленски побарал нови средства за следната година, со цел Украина да ги покрие потребите за одбрана во услови на продолжената војна со Русија.
Радев потсети дека ЕУ претходно одобри финансиски пакет од 90 милијарди евра за Украина, кој се однесува на периодот 2026–2027 година. Унгарија, Чешка и Словачка договориле да не учествуваат во трошоците за тој заем, додека Бугарија досега била вклучена во неговото финансирање.
Бугарскиот премиер оцени дека војната ги исцрпува европските економии и придонесува за зголемување на социјалните тензии и политичката нестабилност. Тој повика конфликтот што поскоро да заврши, нагласувајќи дека неговиот исход не може да се постигне со воени средства.
„Завршувањето на војната нема да се постигне со воени средства“, порача Радев.
Бугарскиот став доаѓа во време кога ЕУ разгледува начини да ги покрие дополнителните финансиски потреби на Украина за 2027 година. Засега не е познато како одбивањето на Софија ќе влијае врз конечниот модел за обезбедување на новата помош.








