Предвремени парламентарни избори засега не се дел од политичките планови, барем според проценката на претседателот на Собранието, Африм Гаши. Тој на редовниот брифинг со новинарите порача дека не очекува распишување на предвремени парламентарни избори и оцени дека тие не би требало да се одржат.
На прашањето врз што го темели ваквиот став, Гаши не посочи конкретни истражувања, бројки или политички договори, туку објасни дека неговата проценка се темели на долгогодишното политичко искуство и интуиција.
Гаши се осврна и на најавените измени во изборното законодавство, посочувајќи дека новото законско решение во рамките на Изборниот законик треба да биде донесено независно од тоа кога ќе се одржат следните изборни циклуси. Во исто време, собраниската работна група која треба да работи на ова прашање засега нема конкретна динамика за одржување на состаноци.
Изборниот законик во блокада – политичка битка за гласовите од дијаспората
Темата за евентуални предвремени парламентарни избори периодично се враќа во политичкиот простор. Владејачкото мнозинство, пак, останува на позицијата дека мандатот треба да се заврши во целост, односно до 2028 година. Премиерот Христијан Мицкоски во повеќе наврати ја повтори определбата на Владата да го реализира мандатот добиен од граѓаните до неговиот истек во 2028 година. Сепак, тој истовремено порача дека доколку опозицијата формално го отвори прашањето за избори, владејачката структура е подготвена да влезе во изборна трка и да победи.
СДСМ, од своја страна, наведува дека е подготвен за избори, но дека нема намера да му обезбедува политичко алиби на Мицкоски. Дополнително, потпретседателот на ДУИ, Бујар Османи, потврди дека имало меѓупартиска комуникација меѓу ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ и изрази очекување дека во периодот што следи би можело да дојде до предвремени избори.
Сепак, во државата сепак ќе има предвремено гласање – но, на локално ниво.
ДИК ги откри имињата на кандидатите за градоначалник на Брвеница
Во Општина Брвеница на 18 октомври ќе се одржат предвремени избори за градоначалник. Изборите се распишани откако на 23 јуни 2026 година почина градоначалникот Ивица Илиевски, по што беше отворен патот за избор на нов градоначалник.
За градоначалничката функција во Брвеница ќе се натпреваруваат шест кандидати. До истекот на рокот биле поднесени шест кандидатски листи – четири од коалиции и две од групи избирачи. ДИК ги наведе Јовица Радески како кандидат на коалицијата предводена од СДСМ, Јакуп Усеини од ВЛЕН, Стојанчо Радически од коалицијата „Твоја Македонија“, Аркин Јахији од Националната алијанса за интеграција, како и Арифе Идризи и Душан Богдановски како кандидати на групи избирачи.









