Компаниите „Тесла“ и „СпејсИкс“ на Илон Маск формирале посебни комитети за да ја разгледаат можноста за спојување. Маск потврди дека разговорите се во тек, но нагласи дека договор сè уште нема и дека не треба да се смета оти спојувањето е сигурно.
„Мислам дека тоа би било добра идеја“, изјави Маск за време на разговорот со инвеститорите на „СпејсИкс“, додавајќи дека конечната одлука ќе зависи од комитетите и од акционерите на двете компании.
Комитетите се составени од независни членови на управните одбори и биле формирани на барање на акционерите. Маск, кој раководи со двете компании и има значителни сопственички удели во нив, нема да учествува во нивните разговори поради можен судир на интереси.
Според него, спојувањето би можело да донесе придобивки во развојот на вештачката интелигенција, роботиката, производството на чипови и сателитската поврзаност. Компаниите веќе соработуваат на проекти како „Терафаб“, иницијативата за производство на чипови, како и на технологии поврзани со роботиката и вселенската инфраструктура.
Евентуалното спојување би обединило две големи технолошки компании со различни основни дејности: „Тесла“ во електричните автомобили, енергетиката и роботиката, а „СпејсИкс“ во вселенските летови, сателитските услуги и инфраструктурата за вештачка интелигенција.
Сепак, комитетите сè уште немаат усогласено услови за трансакцијата. Маск посочи дека за спојувањето ќе биде потребна поддршка од акционерите, а особено висока пречка претставува гласањето во „Тесла“, каде што, според него, ќе биде потребна поддршка од 50 проценти од сите акции.
Веста за официјалното разгледување на спојувањето влијаеше и врз акциите на компаниите. По објавата, акциите на „СпејсИкс“ пораснаа за околу осум проценти во продолженото тргување, додека акциите на „Тесла“ забележаа раст од околу 1,8 проценти.








