Поранешниот бугарски премиер и последен бугарски цар, Симеон Сакскобурготски, смета дека историските прашања меѓу Бугарија и Северна Македонија треба да им се препуштат на историчарите, додека политичарите треба да се фокусираат на иднината и европската интеграција на земјата.
„Многу теми би требало да ги следат и разгледуваат историчарите, а ние да гледаме напред, кон практичното и Северна Македонија да влезе во Европската Унија“, изјави Сакскобурготски пред бугарските медиуми во Брисел.
Тој откри дека претходниот ден случајно се сретнал со македонскиот премиер Христијан Мицкоски, кој исто така престојувал во Брисел, но поради друг настан. Сакскобурготски оцени дека средбата била пријатна и дека дијалогот и добрососедските односи се во интерес на двете земји.
„Добрососедските односи се само во корист на сите. Треба да вложуваме напори“, порача тој.
На прашањето дали Белград го држи клучот за европската интеграција на Скопје, Сакскобурготски одговори дека веќе не ги следи тие прашања.
Тој присуствуваше на церемонијата во Брисел по повод 20 години од членството на Бугарија и Романија во Европската Унија. Мицкоски, пак, учествуваше на форум посветен на проширувањето на Унијата.
Симеон Сакскобурготски беше премиер на Бугарија од 2001 до 2005 година, откако неговото Национално движење „Симеон Втори“ победи на парламентарните избори во 2001 година.









