Пет лица се лишени од слобода во заедничка антитерористичка акција на Министерството за внатрешни работи и Агенцијата за национална безбедност, спроведена во координација со меѓународни партнерски служби. Според сознанијата на истрагата, групата имала намера да изврши терористички акт на територијата на друга држава, а грчкиот весник „Катимерини“ објави дека целта бил напад или атентат врз одредено лице во Грција.
Од МВР информираат дека акцијата следува по информации добиени од АНБ во рамки на меѓународната соработка, кои на почетокот на годинава биле доставени до Секторот за борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам. Со сознанијата биле опфатени шест државјани на Македонија, на возраст од 29 до 73 години, од Скопје и Куманово.
По спроведените оперативни и истражни активности, биле извршени претреси на четири локации, при што биле уапсени четири лица. Петтиот осомничен бил лишен од слобода во Грција, а потоа предаден на македонските надлежни органи. По шестото лице, за кое се верува дека се наоѓа во странство, сè уште се трага.
Според информациите што ги објави „Катимерини“, мрежата наводно подготвувала напад во Грција, дејствувајќи во име на иранскиот државјанин Едрис Џахангири Маванех, кој се поврзува со лица што дејствуваат во име на иранските безбедносни и разузнавачки служби. Во написот се споменува и неговата наводна поврзаност со нарко-босот Наџи Шарифи Зиндашти.
Од АНБ соопштија дека во текот на истрагата биле откриени тајни средби на осомничените во трети земји, вклучително и во Иран, како и контакти со ирански државјанин за кого се смета дека имал клучна улога во планирањето на терористичката акција. Агенцијата не открива кој бил потенцијалната цел на нападот во Грција.
При претресите биле одземени мобилни телефони, лаптопи, персонални компјутери, УСБ-мемориски уреди, тефтери со контакти, скица со означена локација, како и огнено оружје и муниција, дел од нив без соодветна дозвола. Одземените предмети ќе бидат предмет на дополнителни анализи и вештачења.
Од МВР информираат дека биле утврдени меѓусебната поврзаност на осомничените, нивните контакти со странски државјани и поврзаноста со таканаречени прокси-мрежи. За случајот е известено надлежното јавно обвинителство, а на пет лица им се определени соодветни мерки од судија на претходна постапка.
Од институциите посочуваат дека акцијата е резултат на координирана размена на безбедносни информации и соработка со меѓународните партнерски служби.
МВР соопштува и дека од крајот на 2024 година досега, во координација со АНБ, постапувало во 10 случаи во кои биле опфатени вкупно 22 лица, како и во два одделни случаи против две лица за кривичното дело „Учество во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации во обид“.








